МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ УИНТ „СВ. АПОСТОЛ ПАВЛЕ” И ЈНУ ХИДРОБИЛОШКИ ЗАВОД - ОХРИД
Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” - Охрид и Јавната научна установа Хидробилошки Завод - Охрид денес беше потпишан од Проректорката на Универзитетот, проф. д-р Устијана Речкоска- Шикоска и Директорката на Хидробилошкиот Завод, научен советник, д-р Орхидеја Тасевска.
Овој меморандум за соработка претставува официјализирање на претходни соработки помеѓу двете реномирани научни институции и основа за идна плодна заедничка соработка во реализација на заеднички проекти од научен и развоен карактер, реализација на едукативна, научна, апликативна и соработка со користење на модерните трендови на информатичко-комуникациските технологии, имплементација на најразлични облици на научно-истражувачка, информатичка и техничка помош со посебен акцент на вклучување на студентите од факултетите на овој Универзитет во зедничките проекти со Научниот институт.
Директорката на Хидробиолошкиот Завод истакна дека е огромно задоволството што долгогодишното пријателство прераснува и во професионална соработка, уверена е дека недостатоците од ИКТ поддршката ќе бидат надополнети со експертизата на тимот од Универзитетот “Св. Апостол Павле” од Охрид.
Проректорката на Универзитетот, во име на Ректорот и целиот тим, истакна огромно задоволство што може да се понуди експертиза од страна на Универзитетот со цел развивање и примена на информатичко-комуникациските технологии за целите на работата на Хидробилошкиот Завод од Охрид, во повеќе сфери, посебно мониторинг и заштита на квалитетот на водите на Охридското езеро, флората и фауната на езерото, како и дигитализација на целокупните процеси на работа на Заводот.