ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид ја одбележа 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ

Објавено: Понеделник, 28 Март 2022

На 26.03.2022 година со свечен собир во куќата на Уранија ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид ја одбележа 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ, основоположникот на Заводот, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор.

говор ЈНУ Хидробиолошки завод д-р О. Тасевска

говор Синиша Станковик- 26.03.2022 Д-р Талевски

Директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод, д-р Орхидеја Тасевска во својот говор истакна дека и покрај тоа што првиот пишан податок за Охридското Езеро датира од средината на 19 век кога се поставени темелите на лимнологијата, основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на Езерото и богатата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови. Тогашната Хидробиолошка станица ја премостува Втората светска војна, президиумот на АСНОМ на 04.11.1944 година ја признава како драгоценост за Македонија и се залага за нејзино опстојување. Подоцна станицата ги развива своите потенцијали и прераснува во Завод организиран по угледот на две многу познати лимнолошки станици во Европа (Биолошката станица на Лунцкото Езеро во Австрија и Макс-Планк-овиот завод за лимнологија во Плон, Германија).

Во 1961 година, заводот станува самостојна научна организација која во 1994 година е запишана во регистарот на организации за научно-истражувачка дејност во Р. Македонија, а денес е современа институција од стратешко значење за државата. (линк до говорот на директорот, д-р Тасевска)

Проф. Д-р Трајче Талевски, претседател на Советот на Хидробиолошки завод, говореше за животниот пат и делото на академик Станковиќ. Тој вели: „Во Охрид за првпат Станковиќ дошол како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езерто станал вљубеник во него, неговиот растителен и животински свет и останал ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Сумирајќи ги резултатите од истражувањата во своето значајно дело „Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на македонски јазик, проф. Станковиќ донел важни заклучоци за потеклото и за фауната и географското значење на Охридското Езеро. (линк до говорот на д-р Талевски)

Проф. Д-р Александар Трајков, продекан за настава на Факултетот за туризам и угостителство, Охрид, при Универзитетот Св. Климент Охридски, Битола го поздрави собирот и ја истакна долгогодишната соработка со ЈНУ Хидробиолошки завод преку научно-истражувачката работа, но и вклученоста на кадарот од Заводот во образовниот процес на факултетот.

На свечениот настан присуствуваа и д-р Мирјана Михаиловиќ, директор на Институтот за биолошки истражувања Синиша Станковиќ при Универзитетот во Белград, Република Србија и помошник директорот д-р Момир Пауновиќ. Д-р Михаиловиќ изрази огромна благодарност за поканата да бидат дел од настанот за одбележување на јубилејот на академикот кој ги поврзува двете институции и истакна дека се надева на интензивна и плодна соработка. По нејзиниот поздравен говор беше презентиран краток видео материјал подготвен по повод 70 години постоење на Институтот за биолошки истражувања Синиша Станковиќ.

На овој значаен датум за двете институции, беше обновен и меморандумот за соработка помеѓу ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид и Институтот за биолошки истражувања Синиша Станковиќ од Белград.

ohridnews

publicitet.mk

mia.mk